Ги насочуваме парите онаму каде
е најпотребно – за финансиска поддршка на граѓаните и компаниите порача денеска преку социјалните мрежи
премиерот Димитар Ковачевски кој додава дека единствен приоритет во моментов
е да го заштитат стандардот на граѓаните.
Инаку Владата на на седница ја разгледа Информацијата за економски мерки за справување на енергетската и ценовната криза, во рамките на која се донесени 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, како и мерки за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка на Македонија.
Пакетот мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите опфаќа:
Намалување на повластената стапка на ДДВ за основни производи за човечка исхрана од 5% на 0%, од април до јуни. Замрзнување на трговските маржи на основни производи за човечка исхрана.
Субвенции/ Ваучери за најранливите категории за основни производи за исхрана (по 1.000 ден за 3 месеци за 35.000 корисници), односно 105 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика.
Автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји, односно укинување на царинските стапки за овие производи и зголемување на квотите.
Продолжување на примената на повластена даночната стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата до крајот на годината наместо до 1 јули.
Препорака за менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинства и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија, што од 1 јули ќе почне со примена. Продолжување на програмата за енергетска сиромаштија до јули 2022 година.
Субвенции за пензионерите (по 1.000 денари за 3 месеци за 326.840 пензионери). Продолжува субвенционирањето на цената на електрична енергија на регулираниот пазар за домаќинствата и малите потрошувачи, до јуни 2022 година. Субвенционирање на цената на топлинска енергија и други мерки меѓу кои и намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, со што се намалува цената на овие горива.
Со новиот пакет од 26 мерки, 400 милиони евра од Буџетот се насочува за поддршка на граѓаните и компаниите, пишува Ковачевски.