На 15 февруари 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот
за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и
домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во
контекст на поставеноста на монетарната политика, соопштуваат од НБ.
Врз основа на
оцената на последните показатели и на амбиентот на монетарната политика, беше
одлучено основната каматна стапка да остане иста, на нивото од 1,25%, а на
аукцијата на благајнички записи да се понудат благајнички записи во непроменет
износ од 10 милијарди денари. При носењето на
одлуките, Народната банка ги има предвид особено движењата кај девизните
резерви и кај инфлацијата.
Девизните резерви и
натаму се во сигурната зона, а остварувањата во јануари се во рамките на
очекувањата за првиот квартал од 2022 година. Во однос на факторите коишто влијаат на девизните резерви,
податоците за менувачкиот пазар за јануари 2022 година не отстапуваат
значително од октомвриската проекција, а покажуваат понатамошен годишен раст на
нето-откупот на девизи. Податоците за надворешнотрговската размена за четвртото
тримесечје од 2021 година упатуваат на малку повисок остварен трговски дефицит
во однос на очекувањата според октомвриската проекција.
Во јануари 2022 година е остварена годишна стапка на инфлација
од 6,7%. Забрзувањето на годишната инфлација е одраз на порастот на
регулираните цени на енергенсите, како и на растот на дел од прехранбените
производи коишто имаат променлива динамика. Придонесот на базичната инфлација
(инфлацијата од која е исклучено влијанието на цените на храната и енергенсите)
кон растот на ценовното ниво е сѐ уште умерен и стабилен. Оттука, ценовните
притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата,
поврзани со промените на цените на глобалните пазари и влијанието на
пандемијата. Остварената инфлација е над проекцијата, а очекувањата за идната
динамика на увозните цени е коригирана во нагорна насока, со што ризиците за
проекцијата на инфлацијата на краток рок се нагорни. Сепак, меѓународните
институции очекуваат стабилизирање на растот на овие цени во втората половина
на годината и со тоа намалување на инфлациските притисоци.
Во
однос на движењата во реалната економија, во просек, во првите три квартали на
2021 година економијата бележи реален раст од 4,6%, што е блиску до очекувањата
на Народната банка од октомвриската проекција. Податоците за
овој период покажуваат високи, но поумерени годишни стапки на раст кај прометот
во вкупната трговија и угостителството и забавување на падот кај индустриското
производство, а кај извршените градежни работи во периодот октомври ‒ ноември
се забележува натамошен годишен пад.
Закрепнувањето на
економијата е поддржано од солидните движења во монетарниот сектор. Според првичните податоци за јануари 2022 година, солидниот раст
на депозитите и кредитите продолжува, но посилно во однос на проекциите за
првиот квартал на 2022 година.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и
ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 и од
актуелните геополитички тензии и нивните ефекти пред сѐ врз глобалниот раст на
цените и понатаму постојат, што налага будно следење на состојбите, и покрај
тоа што засега макроекономските показатели главно се движат во согласност со
очекувањата, соопштуваат од Народна Банка.