Млади од Калуѓерица радовишко со еко акција за озеленување на просторот околу манастирот ,,Исус Христос’’, посадени 150 дрвца
Млади луѓе од село Калуѓерица радовишко, кои во декември садеа чемпреси, црн бор и багреми во и околу населеното место, реализираа уште една акција за озеленување на своето село. Тие во неделата посадија 150 чемпреси и црн бор во кругот на манастирот ,,Исус Христос’’ кој се гради над селото на локацијата Бутурус во Калуѓерица општина Радовиш.
Како што не информираше еден од младите ентузијасти Мите Трајков оваа еко акција ја планирале уште минатата година со цел жителите од ова населено место но и сите добронамерници добијат ново катче за одмор и рекреација. Се одлучиле за локација на која се гради манастир кој треба да биде и хортикултурно уреден.
,,Денешното убаво време ни
даде можност да ја реализираме целата акција во која се вклучивме десетина
млади од селото. Станува збор за садници што ни ги даде Здравко Велков од
Калуѓерица а имавме останато садници и од претходната акција. Ги засадивме и да
се надеваме дека ќе се чуваат и одржуваат. Ова е наш влог за почиста и поубава
средина каде што живееме и упатуваме апел да се одржуваат сите садници оти
зеленилото не треба да се уништува,, ни изјави Трајков
На почетокот на декември овие млади ентузијасти, љубители на природата, засадија 200 дрвца во паркот во Калѓерица но и на влезот во селото. Велат дека се поборници за поубаво место за живеење и сакаат да направат нешто добро за своето населено место. Тврдат дека напролет ги очекуваат резултатите од нивната декемвриска и од последната акција.