Околу 255 илјади ученици
денеска се вратија во училишните клупи за второто полугодие од учебната 2021/2022
година. Поради влошената епидемилошката состојба и проценката дека земјата се
наоѓа на врвот од КОВИД-заразата, наставата не почна на 20 јануари и беше
одложена за десетина дена по препорака на Главниот координативен кризен штаб и
со одлука на Владата.
И покрај едномесечниот,
продолжен зимски распуст, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10
јуни 2022 и за таа цел Владата на седница веќе го утврди бројот на наставни
денови во вонредни околности.
Во сите училишта (основни
и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна
година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и
полагањето на двата екстерни испита закажани за 4 и 13 јуни.
Според препораките на надлежните во здравство и образование, беше предвидено учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со
физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите,
односно со носење заштитни маски. Исто така остануваат и другите две сценарија што
беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на
ученици во иста паралелка.
Според
министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека
епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство.
И министерот за образование Јетон Шаќири
укажа дека состојбата постојано ќе се следи и МОН ќе биде во постојана
комуникација со Комисијата за заразни болести и со Кризниот штаб.