Македонија денеска под снег. Снег паѓа речиси во целата земја како и во Радовиш. Утрово најниски температури се измерени во Берово и во Струмица.
УХМР соопшти дека во ноќните часови во западните и северните делови започнаа врнежи кои беа претежно од снег, само во југозападните делови имаше повремен дожд. Дуваше слаб до умерен ветер од северен правец.
За денеска најави облачно и студено со повремени врнежи од снег, особено претпладне. Врнежите најдолго ќе се задржат и ќе бидат пообилни во западните делови. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка, освен во долниот тек на Повардарието.
Поради ниските температури, ќе има појава на голомразица. Кон крајот на денот врнежите ќе престануваат, а во источните делови облачноста ќе се намалува. Максималната температура ќе достигне од -2 до 5 степени.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата предупредува за подготовката на возилото и на возачите за возење во зимски услови.
Ниските температури, снегот и мразот можат да создадат опасни услови на патиштата кои бараат повнимателно возење заради осигурување безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува повеќе совети за безбедно возење во зимски услови: Користете задолжителна зимска опрема. Грижете се за техничката исправност на возилото. Безбедносниот појас секогаш нека ви биде заврзан.
– Излезете од дома десетина минути порано за да имате време да го загреете автомобилот, да ги одмрзнете стаклата или да ги исчистите гумите од снег и мраз. доколку сте во можност, имајте резервно гориво во случај да има застој во сообраќајот.Возете на поголемо растојание од другите возила и одбегнувајте остри и ненадејни движења.
Почитувајте ја брзината на возење, посебно во близина на пешачки премин, училишта и градинки. Немојте да забрзувате и нагло да кочите бидејќи ваквите постапки ќе доведат до лизгање Кочете порано и имајте на ум дека мора да ја попуштите кочницата за да управувате и вртите. Во зимски услови на возење, сопирачкиот пат е за 50% подолг отколку во нормални услови. Бидете трпеливи и претекнувајте возила исклучиво кога тоа е безбедно, се едни од препораките од РСБСП.
Исто така се пропорачува во автомобилот да има мала лопата, малку песок, крпа за бришење, метличка за чистење на снегот од стаклата, антифриз, спреј против замрзнување на стаклата и спреј за брави.
РСБСП советува: Во зима секогаш имајте полн резервоар, без разлика дали сте заглавени во градскиот метеж или имате незгода на пат. Доволното количество гориво во резервоарот ќе ви ја осигура топлината која ќе ви биде потребна за безбедно да стигнете до посакуваната дестинација. Бидете информирани за состојбата на патиштата.