Денеска е последниот ден од предизборната
кампања за локалните избори што ќе се одржат во недела на 17 октомври.
Кандидатите за
градончалници и за членови на советите во општините го користат последниот ден
за да се претстават пред граѓаните и да ја побарат подршката. Кампањата започна
на 27 септември и во изминатите 20-тина дена политичките партии и независните
кандидати се натпреваруваа кој подобра програма да понуди пред граѓаните и да
ја придобие подршката.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски
услуги потсетува дека од вечерва на полноч, заклучно со 19 часот
на 17 октомври, важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да
известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно
медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.
Според
Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви
било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или
во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско
известување, кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и може
да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот
на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на
денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од
претставници на политички партии и од носители на функции во органите на
власта.