За 73 отсто е намален бројот на жртви на сообраќајниците во септември 2021, соопштија денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски и претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска. Во септември 2021 има четири жртви во сообраќајни несреќи, а во септември минатата 2020 година имало 15.
„Заврши летната кампања која беше под мотото „Вози одморен“ која ја реализираа РСБСП И МВР. Оваа кампања придонесе за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди. Во септември 2021 има четири жртви во сообраќајни несреќи, а во септември минатата 2020 година имало 15. Задоволни сме бидејќи е намален бројот на сообраќајни незгоди и неколкукратно е намален бројот на загинати лица во сообраќајни, а ќе бидеме целосно задоволни кога бројот на загинати лица во сообраќајните незгоди ќе биде нула.“ – изјави претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска
„Ова е сериозно намалување, но ние продолжуваме со интензивните активности за овие бројки да се намалуваат и натаму и ги повикувам и оние граѓани кои до сега не ги почитуваа правилата да ни се приклучат и сите заеднички да обезбедиме безбедни патишта. 2020 беше најбезбедна година според бројот на жртви на патиштата, но првите девет месеци од 2021 покажуваат дека оваа година е со најмал број на жртви на патиштата“, рече Ангеловски.
За дополнително намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди МВР продолжува со засилени контроли за санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законите.