Да го спречиме губењето нови човечки животи, да ги вратиме насмевките на нашите лица, да ги одмориме лекарите, болничарите и медицинските сестри, да го вратиме животот повторно во нормала. Ова се само некои од пораките на владината кампања „Вакцинирај се“ што почна денеска и ќе трае во наредните неколку месеци.
Како што соопштија премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, промовирајќи ја кампањата, целта е и спречување на дезинформациите и на сите лажни митови за вакцините што се шират во јавноста.
Кампањата има за цел да ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата како начин за лична и колективна здравствена заштита од КОВИД-19, да ја зголеми одговорноста и свесноста кај населението за важноста од вакцинирање, да ги разбие сите митови, невистини и дезинформации поврзани со вакцините и следствено на тоа да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат, да се заштитат себеси и блиските и да дадат придонес кон колективното здравје и што побрза стабилизација на состојбата.
„Се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот Сарс-Ков 2. Овие мутации, заедно со четвртиот бран во кој се наоѓаме и антиваксерското дезинформирање на населението, недвосмислено ја укажуваат потребата од масовно точно информирање за вакцинирањето. Тоа е пред се наша одговорност. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста и смртен исход од вирусот. Граѓаните мора да ги имаат точните, проверени, стручни информации за вакцините, за да се поттикнат промени во однесувањето и прифаќањето на масовната вакцинација, како би се запрел прогресот на пандемијата“, истакна премиерот Заев по повод почетокот на кампањата „Вакцинирај се!“.
Премиерот потенцираше дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување како и смртен исход од болеста.
„Вакцините се единствениот начин да имаме извесна иднина. Да ја дигнеме на нозе економијата и да ги јакнеме работните места. Да ги одмориме лекарите, медицинските сестри и болничарите, за да можат да се вратат на својот редовен начин на работа.
Вакцините се единствениот начин да спречиме повеќе губење на човечки животи. Неприфатливо е да не го применуваме тоа решение“, порача Заев на промоцијата на кампањата „Вакцинирај се!“
Кампањата „Вакцинирај се!“, има за цел и да им го сврти вниманието на граѓаните кон потребата да бидат внимателни кога до нив стигаат информации и вести кои не почиваат на вистина и на факти и во таа насока беа дел од поентите на министерот за здравство Венко Филипче.
„Преку оваа кампања меѓу другото ќе се бориме и против низа дезинформации кои се уште циркулираат и ги збунуваат и заплашуваат граѓаните. Наша цел е како и досега да ја испратиме вистинската информација и да ги разбиеме митовите и невистините околу вакцините. Во ова сакам да ни помогне секој кој смета дека вакцинацијата е единствен излез од пандемијата. Во оваа кампањата ќе побараме поддршка од сите лекари, експерти, јавни личности, локални лидери и авторитети и сите кои сакаат да се вклучат и ја пренесат пораката – Вакцинирај се!“, истакна министерот за здравство Венко Филипче.