Пожарот во радовишко, кој избувна вчера во близина на селата Дамјан и Погулево е локализиран. Благодарение на брзата организација и интервенција, на ТППЕ од Радовиш, на ЈП Национални шуми, Подружница Плачковица и на вработените во рудникот Боров Дол, спасено е село Дамјан од голема катастрофа. Пожарот речиси се доближи до куќите, при што изгореа неколку штали и амбари. Благодарение на брзата интервенција предизвикана е само материјална штетаи изгорена и дабова и борова шума. Во врска со пожарот приведено е и едно лице од Тополница.
Со цел превенирање да не дојде повторно до ваков пожар ТППЕ од Радовиш, презема мерки и активности и упатува апел до граѓаните за поголемо внимание.
„Подигнување на јавната свест и информирање на жителите е целта на Територијалната противпожарна единица од Радовиш кој во рамки на редовните активности заедно со доброволните противпожарни друштва во изминатиов период спроведе низа активности за заштита на шумите од пожари.Поставени се нови табли со натпис „забрането палење оган“ на сите пристапни места и земјоделски патишта кои водат до излетничките места, верските објекти и шумските предели на подрачјето на општина Радовиш.Формирана е противпожарната патрола која на жителите од општината им укажува да не палат оган во шума и да не ги палат стрништата, да не фрлаат отпушоци и догорчиња во движење од автомобил и доколку забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот број 193.Надлежните од противпожарната единица Радовиш , апелираат до граѓаните внимателно да се движат низ шумите и отворените простори и во случај на пожар активно да земат учество во спречување и гасење“, апелираат од пожарната од Радовиш.