Владата од денеска прогласи кризна состојба на територијата на државата, во траење од 30 дена, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивното ширење.
Одлуката
е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот
за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа вчера 4 август, во попладневните
часови го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење
на кризна состојба на територијата на Република Македонија заради зголемена
појава на пожари.
Одлуката
за постоење на кризна состојба на територијата на државата заради зголемена појава на пожари и
спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата
од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на
сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на
нивно ширење.
Во
Законот за управување со кризи кризната состојба е дефинирана како состојба
предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето
и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција
или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Одлуката за
нејзино прогласување не може да трае подолго од 30 дена.
Доколку
има потреба состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од
Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или
вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може
да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со
кризи.