Пожарот кај Кочани локализиран и ставен под контрола
Пожарот кај Кочани во текот на ноќта е локализиран и ставен под
контрола, соопштија надлежните. На одделни места во близина на селото Тркање од
рано изутринава сѐ уште се забележува чад од огнот што зафати шумски појас во пречник
од десетина километри.
Околните жители и доброволци од цела Македонија цела ноќ, со што
и да им се најде при рака се бореа пожарот да не влезе и да го пеплоса градот.
„По обиколката што утрово ја направивме на локациите што беа зафатени со пожарот околу Кочани и Тркање констатиравме дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици за да ја контролираат ситуацијата. Сега приоритет ќе дадеме на гаснењето на огнената стихија во атарот на планинските села Костин Дол и Новоселани, каде гори дабова и букова шума на неколку десетици хектари. Без воздушна поддршка таму е невозможно да се интервенира, поради што на терен веќе излегоа хеликоптерите на Армијата. Сакам да упатам благодарност до сите граѓани, особено младите од Кочани, кои синоќа беа солидарни и масовно помогнаа да се спречи катастрофа околу градот“, изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
На Кочани синоќа му се закануваше голема опасност од разбеснетиот пожат па се аплеираше за помош и преку социјалните мрежи, при што беа споделувани фотографии и видеа од пожарот како се приближува кон куќите.
Околу 500 припадници на противпожарните единици од повеќе градови во државата, од Армијата и месно население ноќеска учествуваа во гаснењето на пожарот.
„Вечерва, на предлог на Генералштабот на Армијата, а по анализа на состојбите наредив да се прогласи тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди“, сподели претседателот Стево Пендаровски на социјалните мрежи.
Ова, како што посочува, е донесено со цел да може во координирана акција со сите институции целокупниот состав на Армијата да се стави на располагање за справување со пожарите на територијата на државата.
„Наредбата стапува на сила веднаш, мобилизација на Армијата е во тек“, напиша Пендаровски.