Од септември учениците и студентите ќе добиваат повисоки стипендии, најави министерката за образование Мила Царовска.
Во просек за 11 % се зголемуваат ученичките стипендии кои ќе се исплаќаат со стартот на новата учебна година, најави Царовска. Со владината одлука којашто е донесена во понеделникот наместо досегашните од 2.200 до 2.970 денари на месечно ниво учениците ќе добиваат стипендија во висина од 3.500 денари. Вкупниот годишен износ кој ќе се распределува за оваа намена од речиси 87 милиони денари се зголемува на 97,8 милиони денари, а ќе бидат опфатени 3.100 ученици.
„Студентите од новата академска година ќе добиваат речиси двојно повисоки стипендии со цел да го стимулираме и вреднуваме нивниот труд, знаења и успеси, но и да го подобриме стандардот на младите. За оваа намена годишниот буџет е зголемен за 35%“, изјави министерката за образование Мила Царовска, по средбата со претставници на студентските и средношколските организации и сојузи кои беа активно вклучени во креирањето на новите политики за стипендирање.
„Во делот на поддршката на студентите, ќе доделуваме стипендии во 11 различни категории. За 9 категории износите ги изедначуваме и ќе бидат 6.050 денари на месечно ниво, што значи пораст во однос на тоа што досега се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари“, рече Царовска.