Здравствените власти размислуваат за можноста од есен да се бара сертификат за вакцинација ако некој сака да присуствува на настан на отворено или затворено, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче и порача дека граѓаните мора да сфатат дека вакцинацијата е единствениот спас од ковид-19.
„Важноста на имунизација на населението е клучна за справување со пандемијата, затоа е важно граѓаните што поскоро да го сторат тоа. Вакцинацијата се одвива непречено во сите вакцинални пунктови во државата, во салите се одвива ревакцинација, додека во здравствените домови ширум земјата се одвива вакцинација без закажан термин. Во тек е и теренската вакцинација која има за цел да им го олесни пристапот на жителите од руралните средини и тешко достапни места како би имале можност да бидат вакцинирани“, вели Филипче.
Според
Филипче, се намалува интересот за вакцинација, се појавуваат нови кластери на
заболени и не сите здравствени работници се вакцинирани.
„Анализите
покажуваат дека здравствениот персонал е вакциниран со прилично висок процент,
некаде 85 проценти, а се чекаат и анализите со опфатот на вакцинација на
вработените во училиштата и градинките. Тоа се три сегменти кои ни се многу
битни за некои процеси да продолжат да се одвиваат нормално и во есенските
месеци, градинките и училиштата, и свесни дека можеби и покрај тоа што сѐ што
правиме интересот нема да се зголеми, размислуваме за некоја форма на
рестрикција. Никаде во светот оваа вакцинација не е задолжителна, затоа мораме
да размислуваме за некои алтернативни решенија, на пример да се присуствува на
настани со масовно присуство, дали на затворено, дали на отворено, дали во
кино, на културни настани, само со таков сертификат и тоа е нешто што можно е
да го препорачаме од есенските месеци, сега во месец јули и во август, кога има
многу патувања и фреквенција на луѓето да ставиме акцент на сите овие
активности кои ги правиме за да го зголемиме опфатот“, рече Филипче.