СОУ „Коста Сусинов“ во Радовиш подготвено за полагање на државна матура која започнува од утре 5 јуни. Вкупно 125 матуранти утре од 10 часот ќе го полагаат првиот екстерен испит – мајчин јазик, кој е задолжителен за сите.
Како што информира директорот на училиштето Гоце Лазаров обезбедени се сите услови и ќе полагаат по 15 ученици во училница
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), вкупно 15 294 кандидати во државата се пријавени за матурата во оваа учебна година. Од вкупниот број пријавени, 7050 се од гимназиско образование, 7983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование. Сите тие ќе го полагаат предметот мајчин јазик – македонски јазик и литература ќе полагаат 10 848 кандидати, албански јазик и литература 4078, а 272 – турски јазик и литература.
Вториот
екстерен испит, кој е изборен, ќе го полагаат на 11 јуни. Математика избрале да
полагаат 1529 матуранти. Како и во минатите години, повеќе се определиле за
странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски (13 452). Германски
јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, руски јазик 18.
Резултатите
од тестовите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од последниот (вториот)
екстерен испит.
Ќе
има околу 2000 тестатори и околу 300 набљудувачи, кои се вакцинирани, а за
матурантите кои на испитите на 5 и 11 јуни ќе имаат коронавирус или ќе бидат во
изолација, овозможени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни, со приложување потврда
до училишните комисии.
По
полагањето на екстерните, матурантите до крајот на месецов ќе ги полагаат и
двата интерни испита во училиштата, а покрај нив имаа и обврска за изработка на
проектна задача која, според календарот, се реализираше од 15 март до 30 април.
Матурантите
што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе имаат втора
можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот екстерен и
13 август за вториот екстерен испит.