Според Царовска, родителот кој смета дека неговото дете нема да може да учи електорнски ќе може да си го испечати учебникот
Новиот Закон за учебници
ќе обезбеди квалитетни материјали за учење, а воедно нуди и комбиниран модел на
примена на печатени и електронски учебници, согласно потребите и можностите на
учениците и семејствата. Секој ќе може да одбере на кој начин да учи. Ова го
истакна министерката за образование и наука Мила
Царовска во однос на учебниците.
„Дигиталните учебници ќе се
воведуваат сукцесивно, наредната учебна година само во четврто одделение, сите
останати одделенија продолжуваат како досега. Законот за учебници нуди
комбиниран модел на употреба, и на печатени и на дигитални учебници. Првпат ќе се
види што значат тие за олеснување на работата и на наставниците, и на
учениците, изјави Царовска.
„Моделот што го нудиме е
комбиниран, секој ќе може да избере на кој начин ќе учи. Ќе се види бенефитот
на дигиталниот учебник, тоа не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда
факти внатре и само напишан и ставен во ПДФ. Концептот на учење е таму да има
примери, насочувања кон истражувања. Секој родител кој смета дека
нема да може неговото дете да учи електронски ќе може да си го испечати
учебникот и нема да има проблем училиштето – таму каде што има недостиг на
финансии во семејството, а таму ќе треба да се обезбедат и електронски уреди од
страна на училиштето“, додаде Царовска.
Министерката појасни
дека законот нуди комбиниран модел на примена на електронски и печатени
учебници согласно позитивните практики во земји како Хрватска, Словенија и
Естонија и дека истиот ќе се воведува сукцесивно. Учениците од прво до трето
одделение и натаму ќе добиваат учебници во хартиена форма, додека во новата
учебна година само учениците од четврто одделение покрај можноста за хартиени,
ќе добијат и дигитална верзија на учебниците. Дополнително, како што посочи
министерката сите учебници ќе бидат понудени и во аудио формат, додека за
учениците со оштетен вид ќе бидат печатени на Брајово писмо.
На прашањето дали
употребата на дигиталните учебници ќе влијае негативно на здравјето на
учениците, Царовска рече дека сите треба да се запрашаме колку време нашите
деца поминуваат непродуктивно во следење на социјални мрежи, на свои смарт
телефони, без да имаат инсталирано било какви едукативни елементи и алатки и
истите да ги применуваат.
Министерката
информираше и дека подготовките за примена на новите наставни програми за прво
одделение се започнати пред извесно време во соработка со локалните самоуправи
и училиштата.
„Веднаш откако се
донесе наставната програма за прво одделение, сите училишта беа известени што е
потребно за започнување на наставата наредна година и до 15ти јуни треба да ги
имаат обезбедено ресурсите потребни за секоја училница. Учебниците се печатени
и треба да им бидат доставени. За 4то одделение штом ќе биде подготвена
програмата, училиштата повторно ќе бидат известени што е потребно да имаат за
реализација “, рече министерката.