Дали да се стави мартинка на рака на 1 март или не со свој став излезе Гевгелиското Архиерејско Намесништво, со што го изнесе и ставот на Православната црква. Со објавата на социјалните мрежи тие категорично велат, Мартинка Не !
„Секој што на својата рака ќе стави (нешто како нараквица направена од црвен и бел конец) со некаква вера дека тоа ќе му донесе здравје и среќа, да знае дека од тој момент (свесно или несвесно) се откажал од Бог, односно од Православната Вера и Црква.
Не може истовремено да веруваме и во Бог и во мартинка.Верата и суеверието немаат ништо заедничко.А на двајца господари не можеме да им служиме : или ќе Му служиме на Бог или на ѓаволот – па секој слободно нека избере кому ќе му служи.
Носењето мартинка е суеверен и магиски, а со тоа и демонски обичај, затоа што луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март, не смеат да ги извадат сѐ до доаѓањето на пролетта и ластовичките (или штрковите) и сѐ додека не расцути првото дрво.
Потоа,
според истото погрешно верување, мора да ги закачат на некое дрво и да си
посакаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите ќе им се исполнат.
Вадењето на мартинката пред време се смета за несреќа, и затоа луѓето ја чуваат со страв. Таквото верување и ритуал нема никаква врска со Православната вера, туку е обично суеверие.
Ние Православните Христијани треба да носиме на рака или во рака бројаница, украсена со крст, која ни служи за молитва. Христијанската среќа и здравје извираат од личната заедница со Бог, а не од безлично, фобично и душегубно суеверие.
Мартинка подобро – не!“ стои во објавата на Гевгелиското Архиерејско Намесништво.
Инаку мартинката претставува засукан бел и црвен конец, најчестo волнен. Боите имаат строго определена смисла: црвено – крв, живот; бело – чистота, среќа. Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци.
Мартинките се носаат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен. Се ставаат на 1 март и овој обичај се негува во Бугарија, Романија, Македонија, Грција и Србија.