Министерството за здравство информира дека минатата година беа реализирани 446 нови вработувања во јавноздравствени установи низ државата. Од почетокот на 2020 година, статус на вработени на неопределено време добиле 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти.
„Вложувањата во човечки капитал во здравството не застанаа дури ни во време на пандемија. Пандемијата покажа колку се значајни здравствените работници, тие се столбот на нашето здравство. Со нови вработувања и зголемувањата на платите создаваме услови секој млад здравствен работник својата иднина и кариера да ја гледа во својата земја. Се залагаме за подобрување на условите во кои тие работат и ги слушаме нивните потреби. Отворени сме за соработка со младите како никогаш досега“ истакнува министерот Филипче.
Од министерството за здравство дополнуваат дека во изминатите три години се дадени повеќе од 5.000 согласности за вработување во јавноздравствените установи. Дополнително на тоа во висина на просечна плата на општ лекар се платени и приватните специјализанти.
На вработените на јавноздравствените установи им е зголемена основната плата на 19.123денари односно 5 проценти во септември 2018 година. Во јануари 2019 година, следеше дополнително зголемување на платите на здравствените работници. Медицинските сестри добија уште 5 проценти, 8проценти се зголеми платата на медицинските сестри на клиниките и 10 проценти зголемување добија докторите специјалисти.