Сашо Мијалков од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството викендот го донесол Кривичниот суд. Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе побара да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница за Мијалков.
Премиерот Зоран Заев денеска во изјава за медиумите рече дека очекува Сашо Мијалков да биде пронајден и ставен во притвор.
„Народот бара правда, а се случи уште едно бегство. Исто како и целиот наш народ така и јас секако сме разочарани од тоа што сѐ уште не е пронајден и не е приведен, односно не е однесенo во домашен притвор лицето Сашо Мијалков“, истакна премиерот Зоран Заев во изјавата за медиумите, и ја изрази својата, како и загриженоста на граѓаните што сѐ уште не е лоциран човекот за кого вчера е изречена мерка домашен притвор за случајот „Таргет-Тврдина“.
„Барам веднаш да постапат институциите и да направат пронаоѓање на Сашо Мијалков и да ја спроведат судската пресуда. Убеден сум дека тоа може да се спроведе. Очекувам детално информации од надлежните институции под извршната власт, а тоа е МВР, како и очекувам комплетно детали со истрага за самиот случај од судот, од ЈО и од МВР. Целосно нашиот народ очекува расветлување на ваквиот случај и секако понесување одговорност доколку не се спроведе судското решение“, нагласи премиерот Заев.