Директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири на вчерашната прес-конференција во Владата апелира до јавноста и граѓаните за важноста на почитувањето на законските рокови за пријава во евиденција на Агенцијата за вработување.
На 15 септември 2020 година повторно беше воспоставено редовното пријавување на секои 30 дена (за активните баратели на работа) односно на секои 6 месеци (за другите лица кои бараат работа или пасивни баратели на работа), кое претходно беа одложени согласно уредбата со законска сила донесена од страна на Владата со цел спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19, .
Невработените лица беа известени за терминот кога треба да се пријават во надлежниот Центар за вработување или дисперзирана канцеларија.
Заклучно со денеска околу 54 илјади лица доцнат со пријава во евиденцијата на невработени лица (активни баратели на работа) и други лица кои бараат работа (пасивни баратели на работа) во АВРСМ, рече Демири.
Директорот Демири ги повика лицата кои доцнат со пријава во евиденција на невработени лица да дојдат во Центрите за вработување и дисперзираните канцеларии за да ја регулираат својата обврска во рок од 30 дена, односно најдоцна до 19 март, петок.
Невработените лица кои нема да ги исполнат своите обврски во рок од 30 дена согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се бришат од евиденцијата на невработени лица и можат повторно да се пријават по истекот на една година, а корисниците на права по основ на невработеност го губат и правото.
Со воведување во евиденцијата на Агенцијата за вработување невработените лица односно активните баратели на работа имаат пристап до Активните програми и мерки за вработување кои се спроведуваат согласно годишните Оперативни планови за вработување кои се креираат согласно потребите на пазарот на трудот.
„Наскоро ќе биде објавен новиот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година кој ќе има рекордно највисок буџет досега и ќе биде поддршка за креирање и отворање на нови работни места, како и за зголемување на вработливоста на невработените лица“ , соопшти Демири