Заменикот
на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, изврши
презентација на финалниот предлог на Петтиот пакет економски мерки за
справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19, пред претставници на коморите, членки на Платформата за
јавно-приватен дијалог и билатералните комори во земјата.
„Петтиот пакет содржи 30 мерки, а може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за
исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддрша за
ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и
директна помош за граѓаните“, нагласи Вицепремиерот.
Битиќи соопшти дека директната финансиска помош за исплата на
плати ќе продолжи со Петтиот пакет на мерки, а за оваа цел се креирани два
модалитети, пришто самите компании ќе одлучат кој модалитет сакаат да го
искористат. Со вториот модалитет кој предвидува бескаматни кредити, а со кој се
таргетираат компаниите од најпогодените сектори, средствата освен за исплата на
плати, ќе може да се користат и за други потреби на компаниите.
Во Петтиот пакет покрај финансиската поддршка за исплата на плати
се планирани и низа на други мерки, за компаниите од туристичката дејност,
транспортот на патници, индустријата за организација на настани, медиумите,
занаетчиите, извозните компании, даночни и царински олеснувања, како и други
мерки за одредени групи на граѓани, кои се директно поврзани со ефектите на
ковид кризата.