Не завршува маката на тутунарите од радовишко, покрај за ценењето револтирани се од бавната динамика на откуп
Разочарани и револтирани, ваква е сликата на тутунарите од Радовишко кои секојдневно чекаат и по цели денови пред откупните пунгтови за да го продадат своето производство. Се караат меѓусебно кој е на ред и дали денеска ќе успеат да го продадат тутунот или утре повторно ќе чекаат на ред. И покрај ниската цена велат дека тешко и бавно оди откупот, се враќаат кутии и се откупува само тутун од погорните класи.
„Чекаме на ред, има многу гужва а помалку кутии откупуват. Враќат кутии кои има исполнето килограмите. Ние имаме уште да донесеме и не знаеме дали ќе го ценеме. Не дават да гледаме ниту како се цени ниту да го видиме обрачунот на тутунарот, се цени зад затворени врати. Ние имаме вишок околу 500 килограми и не знаеме дали ќе го откупат“ вели тутунопроизводител од Воиславци.
„Со карање тутун да продаваш тоа е срамота, се карат затоа што некои што немат договори доаѓаат рано наутро и велат дека се на ред. А ние продаваме по список и пак не сме на ред и затоа се карат луѓето“ вели друг тутунопроизводител
Некои тутунари револтирани и потиштени не сакаа да зборуват пред камера, но велат дека ваква година не паметат одамна. Да се молат за да го продадат произведениот, со тешка мака тутун.
„Полошо организиран откуп никогаш немало во државата
последните 20 години. Секогаш имало тутун со лош квалитет, но организацијата на
откупот не било никогаш на вакво ниво“, велат тутнарите. Реалната цена велат тие е 130 до 140 денари
имајќи предвид дека тутунот кој би се ценел со четврта класа, стои на таванот. Разочарани се и од забавената
динамика на откупот а не се сигурни ниту дека ќе им биде откупен вишокот на
килограми.
На 15 дена пред крајот на законскиот рок на откупот на тутунот, тутунопроизводителите велат дека за новата реколта ќе го намалат производството на тутун. Тие се разочарани и од здруженијата на тутунари и од Иницијативниот одбор на тутунопроизводителите, дека не направиле доволно за да ги заштита производителите.