Во септември минатата година, Министерството за внатрешни работи отпочна низа оперативни акции за подобрување на безбедноста на граѓаните, а една од акциите е насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот и пред се намалување на бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици.
„Граѓаните се подисциплинирани во однос на почитување на сообраќајните правила и прописи, што резултира со намалување на бројот на сообраќајни незгоди особено оние со потешки последици. Бележиме намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во сообраќајни незгоди во 2020 година, а овие трендови се уште повидливи во јануари 2021 година. Во јануари 2021 имаме намалување на жртвите од сообраќајни незгоди за 56 отсто, споредено со јануари минатата година. Во јануари оваа година има четири жртви, а во јануари 2020 година имало девет жртви. Вкупниот број на сообраќајни незгоди пак во јануари е намален за 19 отсто. 2020 година пак е година со најмал број на жртви во историјата- 125 и доколку се направи анализа евидентно е дека од 2017 година оваа бројка постојано се намалува“- соопшти министерот Спасовски на денешната прес конференција.
Спасовски потенцира дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со интензивни мерки и активности за оваа бројка да биде многу помала.