Со 55 гласови „против“ и 53 гласови „за“, Собранието не ја прифати интерпелацијата за работата на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Во своето завршно обраќање вицепремиерот за европски прашања Димитров истакна дека излагањата на пратениците од опозицијата, темите и личните напади само ја потврдија тезата дека интерпелацијата немаше врска со неговата работа и дека сепак остана само политички театар.
„Одговорив за учеството во Комисијата, не бев уредно поканет и не морав да присуствувам. Сепак се согласив и сакав да учествувам онлајн и покрај несериозниот однос на претседателот на Комисијата за надворешна политика. Објаснив за разликите во мојот пристап кон јавноста, во моите меѓународни активности, кој е чесен и успешен за разлика од оној на опозицијата, кој не баш чесен и дефинитивно е неуспешен“, нагласи Димитров од собраниската говорница.
Во ова свое обраќање тој истакна дека некои мудри рекле дека кога напаѓате некого, критикувате некого, посебно лично, тоа повеќе зборува за оној што напаѓа.
„Нападите дека зад одлуките донесени во интерес на македонските национални интереси се кријат мотиви за богатство и моќ повеќе се однесуваа на тие за кои што татковината е „тезга“ а не повик. За мене татковината е „мисија“ и повик. На крајот не гледам што да додадам, и ќе повторам дека се чувствувам „пожарникар“ кој е ставен во позиција да му се правда на „пироманот“. Сметам дека тоа нема поента, и е дури и дрскост. Јас ќе продолжам со мојата „мисија“ за да нѐ биде, и ќе нѐ биде, и покрај сите пречки, вклучувајќи ги тука и вашите напори како овој денешниот“, потенцираше заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во завршното обраќање на седницата за интерпелација за неговата работа која со мнозинство гласови на пратениците не беше прифатена.
Инаку ова беше трета интерпелација за Димитров во изминатите три и пол години. Првите две беа додека тој ја вршеше функцијата Министер за надворешни работи.
Опозицијата го обвинуваше Димитров дека е виновен за манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, како и потпишувањето на договорот со Бугарија, поради што сега е блокиран почетокот на преговорите со Унијата. Повторно беа упатени низа обвинувања дека власта преговара за идентитетот и јазикот, што Димитров категорично ги отфрли и порача опозицијата да не го саботира во работата, оти тоа е на штета на државата.
„Дали на една земја членка и треба Договор за да ја искористи својата привилегија како земја членка и да не се согласи со определено прашање? Дали може Бугарија и без Договор да блокира? Потребата од Договор за пријателство со Бугарија настана поради влошените односи во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, и за време на вашето министерување со Министерството за надворешни работи и на тоа јасно укажуваше бугарската страна пред потпишувањето на договорот“ истакна Димитров на седницата по повод интерпелацијата за неговата работа што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ветувањата за кој нè обвинувате, се ветувања на ЕУ. Пред мене ја имам одлуката од март 2020 година, каде се вели: „Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Република Северна Македонија“, без да има дополнителна страна со услови. За Албанија се вели: „Одлучи да отвори пристапни преговори Република Албанија“, со дополнителна страна со услови кои што нашите пријатели од Тирана ги исполнија, и мислам дека со право оваа година ќе очекуваат отворање на пристапните преговори“, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на седницата по повод интерпелацијата за неговата работа што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањето дека Преспанскиот договор бил потпишан вон Уставот и Законите.