Нема консензус за пописот. Мицкоски и Заев со спротивставени мислења околу оваа статистичка операција
„Ќе заштедиме 8.5 милиони евра, ако пописот биде електронски! Власта тврди дека би сакала консензус за пописот, како статистичка операција, па еве им прилика. Ако се договориме како во 2016-та, како за чистењето на избирачкиот список, и организираме електронски статистички попис, ќе заштедиме средства кои можеме да ги вложиме во здраството или образованието. Дополнително, ќе заштитиме илјадници животи на граѓаните во сред пандемија..“ вели ллидерот на ВМРО -ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Премиерот Зоран Заев со спротивставено мислење : Само електронски попис нема да е доволно за да имаме комплетни податоци какви што се потребни според Евростат и меѓународните стандарди.
„ Пописот 2021 во Северна Македонија ќе се спроведе со нова методологијата која за првпат ќе се применува кај нас и која во еден дел вклучува и електронски попис. Овој комбиниран модел е познат во светската пракса и е во согласност со препораките на ОН и Евростат. Со вкрстување на податоците што ќе се добиваат од електронските прашалници на терен со податоците од базите коишто веќе постојат во државата, како, на пример, оние на МВР и на Фондот за здравство, ќе имаме целосен преглед за податоците кои се неопходни, но, не се опфатени со електронските бази. Тоа значи дека електронскиот попис веќе е дел од севкупната методологија на статистичката операција – Попис 2021, кој заедно со теренското попишување ќе обезбеди заокружен процес за целосна успешност на најважната статистичка операција како основа за идните развојни програми на државата.
Само електронски попис нема да е доволно за да имаме комплетни податоци какви што се потребни според Евростат и меѓународните стандарди, затоа што одреден дел од податоците од електронските бази не ја даваат комплетната и прецизна слика. На пример, само со електронски попис не можат да се добијат сите потребни податоци за нерезидентните граѓани, односно граѓаните кои се во странство повеќе од една година, а кои се опфаќаат со Пописот за 2021 година, како што ниту една база на податоци не ја дава комплетната слика за видот, стандардите и бројот на живеалиштата на нашите граѓани, која може многу да помогне во креирањето на социјалните политики“, вели Заев.