Банката за меѓународни порамнувања (БИС) го организира редовниот состанок на гувернери на централни банки, при што на состанокот активно учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Тема на овој состанок беа податоците од Анкетата спроведена од страна на БИС во врска со најновите трендови во процесот на управувањето со девизните резерви.
Резултатите од Анкетата посочуваат дека централните банки сѐ уште претпочитаат да ги инвестираат девизните резерви во финансиски инструменти како државни хартии од вредност на земји со висок кредитен рејтинг, поради тоа што овие финансиски инструменти имаат низок степен на ризичност и се високоликвидни.
Исто така, централните банки започнуваат сѐ повеќе да инвестираат средства и во финансиски инструменти коишто се користат за финансирање проекти што придонесуваат за создавање „зелена“ и одржлива економија.
Со учеството на гувернерката Ангеловска-Бежоска на овој настан во организација на БИС се потврдуваат заложбите на Народната банка за постојано следење на трендовите во централнобанкарската заедница, навремено спроведување на меѓународните стандарди и придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за граѓаните.