Започнува кампањата „Мој труд, мои права!“ со цел информирање за правата од работен однос
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на прес-конференцијата организирана од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ), каде што присуствуваа претставници на ЕУ, Државниот инспекторат за труд (ДИТ), Организација на работодавачи на Македонија(ОРМ) и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Со оваа прес конференција е најавен почетокот на кампањата за подигнување на свесноста за работничките права „Мој труд, мои права!“ со цел да ги информира вработените лица, барателите на работа и работодавачите за правата и обврските што произлегуваат од работниот однос.
„Она за што секогаш мораме да водиме сметка и да се залагаме, вклучително и во вакви тешки и кризни времиња, е дека мора да се обезбеди доследното почитување на правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос. А во однос на почитувањето на работничките права нема и не смее да има компромиси! И тука, во остварувањето на оваа цел, подеднакво значајна е улогата на сите чинители. И институциите кои ги пропишуваат законите и со легислатива ги утврдуваат правата и обврските, и инспекциските служби кои се грижат за нивно доследно спроведување, но секако, голема е тука улогата и на работодавачите и на самите работници. Сите сме важна алка во системот на обезбедувањето на доследното и ефективно почитување и заштита на работничките права“, истакна министерката Шахпаска.
Оваа кампања ќе се спроведува во наредниот неколку-месечен период, помеѓу социјалните партнери кои учествуваат во работата на ЕСС, и со помош и поддршка од експертскиот тим на проектот за „Зајакнување на социјалниот дијалог“.