Продолжува расправата во Собранието по Предлог-законот за попис
Пратениците вчера и завчера со спротивставени ставови по Предлог-законот за попис главно
околу тоа дали и колку процесот ќе биде навистина статистички, а не политички.
За СДСМ, Предлог-законот што треба да се донесе по скратена постапка е транспарентен и објективен, а неговото донесување е од суштинско значење. Пописот ќе го спроведе Државниот закон за статистика (ДЗС) и ќе овозможи релевантни податоци врз основа на кои ќе се креираат развојни, долгорочни политики и стратегии. Тие се на ставот дека пописот мора и ќе се одржи годинава во април.
Според ВМРО-ДПМНЕ, пописот е
политички договор и пазарење меѓу СДСМ и ДУИ за опстанок на коалицијата и за
задоволување на внатрепартиските барања, со однапред утврден исход, како и
алатка за демографски и етнички инженеринг, а резултатите што ќе се добијат од
него, нема да бидат релевантни, ниту ќе ја отсликуваат реалната состојба во
државата.
„Насилно се турка целата работа затоа што станува збор за политичка операција, не за статистичка. Законот предвидува попишување државјани, а не резидентно
население, не ги содржи методологијата и компаративните бази на податоци и
овозможува давање податоци само со усмено кажување на матичниот број“, се главните забелешки на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Забелешки на предлог законот за попис има и Левица.
„Главната
работа, којашто тука фали е разграничување на две дефиниции, меѓу „вкупно“ и
„вкупно попишано“ население. Значи што е резидентно население, кое население
живее тука, а кое не – без тоа, вие немате Закон за попис! Со тоа вие имате
еден неодреден текст, којшто јас не знам за што друго би послужил, освен
единствено за демографски и етнички инженеринг.
Ние се сомневаме дека веќе бројките околу соодносот на етникумите во оваа држава се определени од вас, затоа е нели тој фамозен „врзан потпис“ меѓу директорот на ДЗС и неговиот заменик. И сега, ќе се оди одозгора надолу, определени се бројките, а вие реалноста ќе ја прилагодувате, за да дојдете до бројките, коишто со вашиот коалиционен партнер ги имате договорено“, вели пратеникот од Левица Борислав Крмов.
Согласно законот, пописот треба
да се спроведе од 1 до 22 април оваа година, а со него ќе бидат опфатени и
лицата кои работат надвор од државата. Постапката
се
планира да заврши за шест месеци и да чини вкупно 8,5 милиони евра. Последниот попис во земјава беше
спроведен во 2002 година, а најавениот попис во 2011 година не се реализира.
Од ДЗС најавуваат дека пописот ќе
биде спроведен согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат.