Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, започна со одобрување на кредитни барања за третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста „ЕУзаОтпорност“ од ИПА програмата.
Одобрени се вкупно 5,9 милиони евра во првата група кредитни барања кои ги исполнуваат условите од јавниот повик, или кредитни барања на 506 компании со вкупно 3,552 вработени.
„Најголем дел од компаниите во првата група од 506 компании, доаѓаат од Скопскиот регион, и тоа 37%, а по него следи Полошкиот регион со 17% и југоисточниот регион со 14%. Од југозападниот, источниот и Пелагонискиот регион доаѓаат 7 до 8 отсто од одобрените кредитни барања во првата група, додека од Вардарскиот и североисточниот регион доаѓаат 5% од одобрените кредитни барања во првата група.“ – стои во соопштението од Развојната банка.
Кредитните барања се обработуваат хронолошки, како што се пристигнати, согласно Јавниот повик и информациите наведени во него. Одобрувањето на кредитните барања ќе се врши во групи, сè до исцрпување на расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија.
Во следните денови, службите на банката ќе ги контактираат компаниите чии кредитни барања се одобрени за склучување на договор.