Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божиќ.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник – Божиќ, упати честитка до д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх и до сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.
„Дозволете ми, на сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар, да ви го честитам големиот празник и да ви посакам празничните денови да ги минете во мир и во хармонија, исполнети со радост и со среќа.
Празникот на Христовото Раѓање секогаш
асоцира на време поминато во прегратка на најблиските, среде топлината на
нашите домови. Да ја испочитуваме традицијата и годинава да прославуваме во
рамките на најтесното семејство, да избегнуваме движења, собирања и да
придонесеме со своето одговорно однесување за запирање на ширењето на
пандемијата на Ковид-19 и за зачувување на животите и на здравјето на нашите
сограѓани. Нека големината на овој празник и неговото значење ни бидат духовна
поткрепа и надеж за надминување на кризата и за конечно враќање на нормалното
секојдневие.
Се надевам дека ќе успееме да ја зачуваме енергијата и светлината на божиќните празници преку целата година, останувајќи грижливи, солидарни и хумани, постојано имајќи добра мисла и дарувајќи љубов. Христос се роди!“ стои во честитката од претседателот Пендаровски.