Република Бугарија од секоја пратка на вакцини против КОВИД-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја. Ова утрово беше одлучено на владината седница во Софија, каде свое обраќање имаше и министерот за здравство Венко Филипче.
„Благодарност до бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за здравство Костадин Ангелов за помошта со донирање на вакцини против ковид-19 за нашата земја. Од секоја пратка на вакцини, кои директно Бугарија ги купила од производителите, дел ќе донира и за нашите граѓани“, вели Филипче.
„Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стугнуваат и земјите членки на Европската Унија . Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 % од населението“, изјави министерот Филипче.
Според информациите од здравствените власти во Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра Зенека.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов изрази надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на РС Македонија во Европската Унија.
„Ова го правиме со чисто срце без никакви задкулисни намери, го правиме за нашите најблиски соседи. Се надевам дека следната година со Захарева и Каракачанов ќе пронајдеме заедничко решение за интегрирањето на Северна Македонија во Европската Унија, како што ја поддржавме и за НАТО. Така што не се случи ништо страшно, прашање на политичка волја и од двете страни е да стигнеме дотаму“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов на денешната седница на бугарската Влада.
Борисов
за оваа одлука информираше и на неговиот Фејсбук профил, каде напиша дека,
Бугарија е подготвена за помогне со вакцини против Ковид-19, во регионот на
Западен Балкан.