Бектеши: Поддршката на стопанството за надминување на штетите од пандемијата е наш приоритет
Министерот за економија, Крешник Бектеши информираше за реализацијата на мерката за финансиска поддршка на компаниите кои инвестирале за време и пост-ковид периодот со која се поддржаа 400 компании со 17,3 милиони евра директна државна помош како дел од мерките на Владата за справувањето со негативните последици од пандемијата.
„Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на Министерството за економија беше справувањето со негативните ефекти врз стопанството предизвикани од светската пандемија со КОВИД-19. За таа цел го реорганизиравме работењето на Министерството за економија и обезбедивме целосна посветеност за поддршка на сите сектори за успешно надминување на проблемите кои што ги предизвика пандемијата. Веднаш со почетокот на новиот мандат почнавме со реализација на Четвртиот сет економски мерки за поддршка на економијата со што обезбедивме директна финансиска поддршка за туристичкиот сектор, за компаниите од услужните дејности и за организирање настани како свадби, за занаетчиите, но и за компаниите кои што и покрај пандемијата инвестираа во подобрување на својата конкурентност“ кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција посветена на 100 дена Влада.
“Во делот на поддршка на компаниите во првите шест месеци следната година ќе бидат објавени сите јавни повици од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за што е обезбедена рекордна финансиска поддршка од 68,8 милиони денари за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, за занаетчиството, индустријата и за поддршка на претприемништвото“ потенцираше министерот.