Владата на редовната 25-та седница го именуваше поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник на Македонија за Бугарија. Именувањето е на една година со цел да се заокружи со успех Процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство, информира денеска портпаролот на Владата Душко Арсовски.
Дополнително, одговарајќи на прашањето за критериумите врз основа на кој е именуван Бучковски, портпаролот Арсовски додаде дека тој е одличен познавач на македонско-бугарските односи, почитуван од бугарските општествени и политички чинители. Има добри контакти со Бугарија и добро е примен од нивната јавност.
„Има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој што и порано придонесувал позитивно кон подобрувањето на односите со соседска Бугарија и треба да придонесе кон создавање на позитивна атмосфера за да се надмине проблемот со Бугарија“, рече Арсовски.
Во однос на прашањето за тоа што точно се разговара со Бугарија и што содржи Патоказ за спроведување на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, ставот на Владата, кој беше повторен денеска е дека, Владата смета дека споменуваниот план треба да се однесува на динамиката на спроведување на билатералниот договор, надвор од преговарачката рамка.
„Се разговара за сите загрижености и дилеми, кои Бугарија ги изнесува во јавност, за начинот и динамиката на спроведувањето на Договорот од 2017 година, како да се забрза изградбата на Коридорот 8, како да запре говорот на омраза, за начинот на кој ќе се забрза работата на Историската мешовита комисија, во насока на воспоставување на доверба во процесот. Договорот е сериозен документ и нема потреба од нов Договор и Анекс. Потребно е само да се дообјасни и детализира во некој придружен документ и во таа насока е Патоказот. Тоа е една идеја, која е во насока на зајакнување на довербата за ефикасноста и функционалноста на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија“, беше речено на прес-конференцијата.