„Буџетот за 2021 година е буџет за одбраната на земјата како членка на НАТО Алијансата. Годинава покажуваме дека обврските, стандардите, критериумите кои што сме ги прифатиле како земја членка на НАТО ги почитуваме. Затоа Северна Македонија и оваа година го зголемува буџетот за 0,2% од БДП, движејќи се кон посакуваните 2%, но годинава за првпат целосно ја исполнуваме и втората обврските на земјите членки на НАТО која што произлезе од Самитот во Велс – а тоа е повеќе од 20% од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната прес–конференција на која го презентираше одбранбениот буџет за 2021 година, кој трета година по ред расте и во 2021 година ќе достигне 1,57 посто од бруто домашниот производ, односно над 11 милијарди денари.
Како што истакна Шекеринска со буџетот за 2021 година ќе продолжи процесот на опремување и модернизација на Армијата, за што се обезбедени 38 посто повеќе средства отколку во буџетот за 2020 година.
„Со овој буџет добиваме и ново подмладување на Армијата, подобрување на стандардот на армиските припадници, квалитетна логистичка поддршка, реконструкција на армиските објекти, подобри услови на нашиот најголем полигон и Криволак и стабилно финансирање на Армија која е дел од Алијансата“, додава Шекеринска.
„Кризната состојба со КОВИД–19 во која што се наоѓаме најдобро покажува дека инвестирањето во Армијата е инвестиција во безбедноста на сите граѓани. Во овие три години, порастот на буџетот за одбраната ни овозможи да добиеме мотивирана, подобро обучена и подобро опремена Армија. Денес тоа не е само Армија на Република Северна Македонија, денес тоа е и армија на земја членка на НАТО. Подготвена да одговори на секој предизвик како што во моментов и помага на државата во справувањето со кризата“, информираше министерката и додаде дека во однос на овогодинешниот буџет, одбраната во 2021 година ќе има повеќе средства за речиси 10 проценти во однос на буџетот за 2020 година.