Денеска се одбележува Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените и воедно почетокот на 16 дена на активизам против родовото насилство.
Од денеска 25 ноември започнува меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите Нации, чија цел е подигање на свеста за заштита и спречување на насилство врз жени и
девојчиња и родово базираното насилство. Кампањата за Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, ќе трае до 10 декември, Денот на човековите
права.
Хелсиншкиот комитет за човекови
права смета дека новиот закон против насилство врз жените и семејното насилство
е позитивен чекор и дека институциите треба да се подготват за негова доследна
примена.
„16 дена активизам против родово базирано насилство е годишна меѓународна
кампања што започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против
насилството врз жените и трае до 10 декември, Денот на човековите права.
Координирана од Центарот за женско глобално лидерство, кампањата се користи
како стратегија за организирање на поединци и организации ширум светот, кои се
активни на полето на спречување и елиминирање на насилството врз жените и
девојчињата. Годинава, С Македонија го одбележува овој ден
со наговестувањата за промени, кои треба да ги донесе новиот Закон против
насилство врз жените и семејното насилство. Ние ќе инсистираме на негова
целосна примена на терен, за да се спречат идни случаи на убиства на жени
поради непостапување на полицијата, за да запре двојното малтретирање на
жртвите во социјалните центри и судовите и за да им се даде целосна поддршка“
велат од Хелсиншки комитет.
Оттаму додаваат дека справувањето
со пандемијата на Ковид-19 значеше и повлекување во домовите како превентивна
мерка за заштита на јавното здравје.
„Со оглед на тоа што домот генерално претставува едно од најнебезбедните места за жените, ранливоста на жените беше значително зголемена за време на рестриктивните мерки. На глобално ниво, ова предизвика алармантно зголемување на веќе постоечката пандемија на насилство врз жените, што беше забележано и во извештајот на Генералниот секретар на ООН. Она што беше од особена важност овој период, е овозможувањето поддршка и охрабрување на жртвите за да го пријават насилството. Искуството покажува дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви“, стои во извештајот.
Насилството врз жените претставува глобален проблем и е во фокусот на светската јавност преку презентирање на различни решенија за негова елиминација. Сепак, како што се истакнува во повикот за борба против насилството, не постои едно решение кое ќе стави крај на насилството врз жените.
Од социо-медицински аспект насилството може да резултира со проблеми и последици по физичкото, менталното, сексуалното и репродуктивното здравје. Од тие причини има и правно-психолошка и социолошко-економска рефлексија во општеството.