Имајќи предвид дека бројот на заболни од Ковид -19 и понатаму расте, за подобро справување со ситуацијата и користење на сите ресурси на државата, најмногу на приватните здравствени установи, Владата прогласи кризна состојба, а ЦУК веќе усвои Акциски план со 17 точки.
„Кризната состојба на целата територија на Северна Македонија во траење од 30 дена, што на предлог на Советот за безбедност ја прогласи Владата, и овозможи на Армијата да дава поддршка на полицијата и на здравствените установи“, напиша вчера на Фејсбук претседателот Стево Пендаровски.
„Според Законот за менаџирање со кризи, Армијата ќе и помага на полицијата во обезбедување на стратешки објекти, болници, како и во обезбедување на магацини со лекови и со друга заштитна медицинска опрема. Сметам дека ваквата помош и поддршка е повеќе од потребна за здравствените власти и полицијата, коишто веќе деветти месец деноноќно се борат се пандемијата на #КОВИД19 и се крајно исцрпени“, додава Пендаровски.
Директорот на Центарото за управување со кризи Стојанче Ангелов, вели дека Армијата ќе и асистира на МВР, но и ќе им помага и на здравствените установи онаму каде што е најпотребна. Во овој случај, појаснува, кога е прогласена кризна состојба Армијата има право да презема одредени дејствија во делот на обезбедувањето.
-Акцискиот план треба да се разгледа од страна на Управувачкиот комитет пред да стапи на сила, вели Ангелов.