Бугарија стави вето за Македонија. Заев: Македонскиот народ и македонскиот јазик се непобитен факт
Македонскиот народ и македонскиот јазик се непобитен факт и во Бугарија знаат дека ЕУ ова го третира како европска вредност и придобивка, истакна премиерот Заев. „Бугарија е свесна за реалноста заради тоа што Република Северна Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик се непобитен факт и тие знаат дека ЕУ ова го третира како европска вредност, европска придобивка“, рече премиерот Заев во интервју за ТВ 21, и додаде дека е многу лесно да се направи кавга, но нам ни требаат решенија.
„Европа не може да помине преку тоа, затоа што, прво, ако е така ваквите билатерални прашања ќе станат правило и тоа е недозволиво за ЕУ. Моја должност е да не се откажуваме и да стигнеме до решение заради тоа што нашиот народ очекува да најдам решение“, истакна Заев.
„Сега има пенал за шутирање, за кавги колку што сакате, но нас не ни треба тоа. Ни треба пријателство. Нас ни треба трезвени глави, мудри лидери кои што навистина ќе дадат шанса на дијалогот, ќе дадат шанса на решенијата, не на конфликтот“, истакна Заев.
Бугарија ја поддржува
преговарачката рамка за пристапување на Албанија во Европската Унија, но не и на Северна
Македонија, изјави бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина
Захариева, пренесе „Бгнес“.
„Бугарија во оваа фаза не може да ja поддржи преговарачката рамка со РС Македонија и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Предлогот не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма“, истакна Захариева.