Историски успех на Македонската фудбалска репрезентација, сите фудбалери ќе бидат наградени со по 10 000 евра
Голем број граѓани синоќа во Скопје и во останатите градови во Македонија, со нивните автомобили излегоа низ улиците на градот за да ја поздрават фудбалската репрезентација и да го прослават историскиот успех, пласманот на Европското првенство. Пресуден беше голот на струмичанецот Горан Пандев. Од сите страни можеше да се слушнат навивачки песни, но и скандирање на името на капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев.
Историски успех на Македонската фудбалска репрезентација! Браво момци, се гордееме со вас! #ОдимеНаЕвропско! напиша претседателот Стево Пендаровски на социјалните мрежи.
Премиерот Зоран Заев кој синоќа ја пречека Македонската фудбалска репрезентација на граница,најави дека сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра.
„ Голема е радоста што вечерва ја преплави целата земја.Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што Македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство.
Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација.Еден гол за сите, една победа за сите! Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден.Јас и првиот вицепремиер Артан Груби сме овде да ја споделиме радоста и да ви укажеме чест и да ви соопштиме дека во името на Владата и на граѓаните, сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра.
Ова е успех достоен за големо славење, но должен сум да апелирам и да замолам и вие да го направите истото и да апелирате и во овој момент да се почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19 кои забрануваат собири“, истакна Заев.
„Победа вредна 30 години и историски резултат. Честитки за јунаците кои со срце, вложена сила и талент покажаа дека Македонија може големи работи. Македонија ви се поклонува. Колку сме, толку сме, токму сме. Ние сме Македонци.Напред Македонијо!“ напиша лидерот на ВМРО -ДПМНЕ Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.