Општина Радовиш со пригодна програма го одбележа 6-ти Ноември, градоначалникот Конзулов со свое обраќање
Општина Радовиш со пригодна програма на достоинствен начин го одбележа празникот 6-ти Ноември – 76 години од ослободувањето на Радовиш.
Најпрво во 11:00 час. во Паркот на млади беше положено свежо цвеќе а веднаш потоа во Центарот за култура „Ацо Караманов“ беше одржана свечена седница на Советот на општина Радовиш, на која на предлог на комисијата за награди и признанија, беше донесена Одлука за доделување на овогодишните шестоноемвриски плакети.
Со почеток во 12:30 час. во Центарот за култура „Ацо Караманов“, беше одржана свечена академија на која беа доделени шестоноемвриските плакети. Академијата започна со отварањето на ликовната изложба од радовишката ликовна колонија, а веднаш потоа Градоначалникот на општина Радовиш Герасим Конзулов со поздравен говор ја отвори свеченоста на доделување.
„Пред 76 години, македонските партизани и наши сограѓани како дел од антифашистичката коалиција го ослободија Радовиш од окупацијата и извојуваа голема победа.
Денес, на 6ти Ноември го чествуваме нивното дело и оддаваме почит на паднатите херои и ослободители на нашиот град. Несомнено, 2020 година ќе остане запаметена како една од најтешките години поради здравствената и економска криза предизвикана од глобалната пандемија.
Тешките времиња носат нови предизвици но отвараат и можност да покажеме дека истрајноста, слободата и надежта се основи на човековиот дух. Македонските партизани покажаа дека колективниот идеал за слобода е посилен од секое оружје. Граѓаните на Македонија преку НОБ и партизанското движење застанаа на вистинската страна на историјта и ја втемелија нашата определба да бидеме дел од Европа. Но европа која ке ги почитува правата на сите народи без разлика колку се мали или големи.
Почитувани, Со длабока почит кон ослободителите на градот и паднатите херои во народноослободителната борба Ви го честитам 6ти Ноември!“ рече во своето обраќање градоначалникот Конзулов.
Плакета за постигнат јубилеј и значаен придонес во афирмацијата на општина Радовиш беше доделена на Црковниот хор „Св.Спасо Радовишки“, а веднаш потоа беа доделени плакети од областа на културата на Ефтим Манев – за особено достигнување во областа на културата и афирмација на општина Радовиш и на М-р Васо Ристов за придонес и континуирана поддршка на општина Радовиш во областа на јавните дејности.
Плакета за придонес во развојот и квалитетот на живеење на општина Радовиш беше доделена на Здравко Стефановски а веднаш потоа беа доделени и Плакетите за особен придонес во развојот и афирмацијата на општина Радовиш на: Ванчо Чифлиганец, Николајчо Николов и Василиј Борутцкиј како и на раководителот на секторот за урбанизам во Општина Радовош Кирчо Сусинов.