Со положување на свежо цвеќе, одбележан 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борбa
Со положување на свежо цвеќе во Паркот на младите во Радовиш беше одбележан 23 Октомври Денот на Македонската револуционерна борба. Свежо цвеќе беше положено на на спомен обележјето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. 23 октомври се празнува во чест на фомрирањето на Македонската Револуционерна Организација која е најсилното движење на Македонците за ослободување
По тој повод свежо цвеќе положија повеќе делегации. Делегација од локалната самоуправа на општина Радовиш, Советот на општина Радовиш, Општинските организации на Сојузот на борците и Здружението на пензионерите од Радовиш и Конче и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Празникот се празнува по повод основањето на Македоската револуционерна органзиација во Солун. Имено на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.
Празникот се празнува од 2007 година како државен празник, кога бил донесен и изгласан новиот закон за државни празници, истовремено е и неработен ден за сите граѓани на Македонија.