Недостојни и
недолични се изјавите на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов и
ние ги осудуваме, соопшти денеска портпаролот на македонската Влада, Душко
Арсовски, кој го изрази оптимизмот на Владата дека ова не е став на
мнозинството во Бугарија
На
прес-конференцијата одговарајќи на новинарско прашање за несоодветната и
провокативна изјава на министерот за одбрана на Република Бугарија, Красимир
Каракачанов, дека е подготвен да испрати инженерски полк и ги отстрани
спомениците и спомен-плочите на кои пишува фашистички окупатор, портпаролот
Арсовски го наведе ставот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и
истакна дека ваквите изјави се недостојни и недолични, како и дека претставници
на две земји членки на НАТО не може на ваков начин да комуницираат меѓу себе.
Воедно портпаролот Арсовски изрази убеденост дека Бугарија
како земја-сосед која прва ја призна независноста на Северна Македонија и која
беше прв промотор на нашата интеграција кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го
оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот
македонски народ.
Тој го изрази оптимизмот на Владата дека ова не е став на
мнозинството во Бугарија и дека ќе се изнајде решение со кое ќе се надмине ова
недоразбирање со нашиот сосед.