Православните
верници денеска го прославуваат светиот апостол Тома. Тој во
народот е познат како Томинден, сеќавање на светиот Тома, еден од дванаесетте
апостоли кој го ширел Христијанството најпрвин во Палестина, а потоа и во
Персија и во Индија каде бил убиен.
Свети
апостол Тома е познат меѓу народот по неговото неверување. Со неговиот сомнеж во воскресението на Господ
Исус Христос беше придобиена нова потврда за тој чудесен и спасоносен настан.
Имено, воскреснатиот Господ повторно им се јави на учениците за да го увери
Тома.
Неверувањето на истиот Тома, Господ го
искористи за да се потврди пред целиот свет реалноста на Неговото воскресение.
Апостол Тома за да го отстрани својот сомнеж во
воскресението на Господ, ги стави прстите во
Христовите рани и ја опипа реалноста на живото тело, истото тело кое претходно
умре на крстот. Подоцна, кога апостолите се распрснаа по целиот свет да го
проповедаат Евангелието, на свети Тома му падна да отиде во Индија. Таму
пострада маченички и со тоа уште еднаш, и сега најасно, ја посведочи својата
вера во воскреснатиот Спасител.
Пред својата смрт и тој, како
и другите апостоли, беше чудесно пренесен на погребот на Пресвета Богородица.
Но бидејќи пристигна доцна, горко зажали, па на негова молба го отворија гробот
на Пресветата, но внатре не го најдоа Нејзиното тело. На таинствен начин Господ
Ја беше зел Својата Мајка во Неговите небесни живеалишта. И така Свети Тома,
којшто со своето неверување ја утврди верата во Христовото воскресение, во овој
случај задоцнувајќи ни го откри чудесното прославување на Богородица.
Многу
семејства овој ден го одбележуваат како своја куќна слава. Во минатото го
прославувале дрводелците, бочварите, коларите, столарите, бунарџии , ѕидарите…
Се верувало дека тој штити од волци.