Сообраќајот од Струмица и Радовиш кон Скопје времено ќе се пренасочи низ Штип
Сообраќајот на патничките и товарните возила од Струмица и Радовиш кон Скопје времено ќе се пренасочи низ Штип заради изградба на мост на реката Брегалница и изградба на делницата кон Три Чешми. Ова го најави директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов, кој заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, вчера извршија увид на изградбата на експресниот пат Радовиш – Штип.
„За да може да се интензивираат работите на делницата од Три Чешми до мостот на реката Брегалница ќе се затвори обиколницата за да може место за година дена ова делница да се изгради за 6 месеци” – кажа Китанов.
Изградбата на експресниот пат Радовиш – Штип, со должина од 40,41 километар и вредност од преку 42 милиони евра, се реализира во две фази. Изградбата на првата делница, од Штип до Бучим е во завршна фаза, поголемиот дел е веќе асфалтиран, осветлувањето е поставено и во моментов се монтираат еластичните огради.
На втората делница, од Три Чешми до Радовиш, во тек се подготовки за поставување на коловозната конструкција. Се очекува за три до четири месеци експресниот пат да биде пуштен во употреба. При увидот на градежните активности со министерот Бочварски и директорот Китанов, беа присутни и градоначалникот на Општина Радовиш Герасим Конзулов заедно со раководителот на секторот за урбанизам Кирчо Сусинов.