Светскиот
ден на одржување хигиена на рацете – 15 октомври, годинава се одбележува под
мотото „Хигиена на рацете за сите“, со цел кревање на свесноста и разбирањето
за важноста од редовно и темелно миење на рацете со сапун и вода, како најлесен
и најдобар начин за превенција од болести и спречување на ширење на инфекции.
„Овој ден е посебно значаен во време кога светот се соочува со
пандемија и преку него се акцентира хигиената на рацете како една од основните
превентивни мерки за заштита од вирусот“ велат
од Министерството за здравство.
Респираторните
вируси како корона вирусот (Ковид-19) се шират преку слуз или капки што го
содржат вирусот, а во организмот навлегуваат преку очи, нос или грло. И ова
многу често се случува преку рацете.
Во
контекст на превенција од Ковид-19, рацете задолжително треба често да се
мијат, а особено по секнење на носот, кашлање или кивање, по посета на јавен
простор, присуство во јавен превоз, по посета на пазари и верски објекти, по
допирање површини надвор од дома, вклучувајќи и пари, пред и после јадење, по
употреба на тоалет, ракување со отпад, допирање животни и домашни миленици,
менување пелени или помош на деца при одење во тоалет и слично.
Светската
здравствена организација посочува дека честата и темелна хигиена на рацете е
една од најефективните мерки за превенција од дијареја, од воспаленија на
белите дробови, но и низа други инфекции кои можат да имаат и фатални
последици.