По повод 8 Октомври, Меѓународниот ден за намалување на уништување на природата, на 10 октомври (сабота), со почеток во 09:30 ч., Општина Гевгелија во соработка со ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија организира еко-акција.
Еко-акцијата ќе се одвива на неколку локации во градот, на потегот на улиците: „Владо Кантарџиев“, „Борис Кидриќ“ и „Маршал Тито“. Акцијата вклучува и расчистување на просторот позади Главната пошта, кај поранешното диско „Банго“, просторот околу Автобуската и Железничката станица и старото училиште „Владо Кантарџиев“. Општина Гевгелија ги повикува сите невладини организации, институции и граѓани доброволно да се приклучат на еко-акцијата за одбележување на Меѓународниот ден за намалување на уништување на природата.
„Оваа еко-акција има за цел да ја развие свеста на човекот како најголем уништувач на природата и предизвикувач на природните катастрофи во насока на зачувување на животната средина и намалување на загадувањето. Со масовното приклучување на оваа акција ќе ја покажеме нашата одговорност и обврска кон природата. Зелената политика е обврска на Гевгелија, а тоа го потврдивме пред неколку дена кога во Гевгелија пристигна зелениот карван на Цивил“, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.