Во Радовиш, промоција на проектот „Ослободи го умот од корупција“, по повод Светскиот ден за борба против корупцијата
Во центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш денеска беше извршена промоција на проектот „Ослободи го умот од корупција“ или како што е наречен „Развој“, по повод Светскиот ден за борба против корупцијата, 9 декември. Проектот е подржан од ЕЛС општина Радовиш во соработка со Министерството за локална самоуправа и Здружението „Театар-Боеми“ и истиот започна со реализација на интерактивната претстава „Хепи Хипо Шоу“ – како прва предвидена активност.
„Проектот е составен од интерактивна театарска претстава, докумантарен филм, истражување, научна студија и социјална мрежа за долгорочно суштинско надминување на корупцијата во нашата земја“, рече раководителот на проектот д-р Нелко Нелковски.
„Се надевам дека со реалзиацијата на овој проект, сите заедно ќе дадеме значаен придонес како за нашата општина така и за државата“, рече директорката на Центарот за Култура Ацо Караманов, Изабела Ангелова.
Здружението на граѓани Театар „Боеми“ ќе спроведе дванаесетмесечен проект за едукација на претставници на релевантни институции во земјата и избрани младински претставници за градење на правично и демократско општество без корупција.Во иднина ке следува формирање на локален Совет, анализирање на Програмите за развој на општината и уште многу предвидени развојни активности во проектот.
На крајот од промоцијата, пред Центарот за култура „Ацо Караманов“ беше засадено дрво – јавор, кое значи дрво на животот и кое симболично ќе биде дрво на развојот на општината.