Приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не може да ги извршуваат од дома.
Изминатиот период вработените во градинките ги контактираа родителите на децата, по што се утврди дека согласно Протоколот, градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, но интерес за згрижување пријавиле родители на 14.555.
„Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од Протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, во тој случај можат да прифатат други деца што се запишани во градинката. Согласно Протоколот, групите за деца до две годишна возраст треба да имаат најмногу шест деца, за кои ќе се грижат двајца вработени, додека групите од 3 до 10 годишна возраст треба да имаат најмногу 15 деца и двајца вработени. Од тие причини, односно поради намалениот капацитет на градинките, беше неопходно да се дефинираат овие приоритети“, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на одржаната прес конференција.
Владата веќе им препорача на единиците на локална самоуправа кои се основачи на јавните установи за згрижување и воспитување на деца, да обезбедат или адаптираат дополнителен соодветен простор, доколку за тоа има потреба.