Претседателот Пендаровски го врачи мандатот за состав на Влада
Претседателот Стево Пендаровски, на предлог на Коалицијата „Можеме“, денеска му го врачи мандатот на Зоран Заев. Заев вети дека ќе биде премиер наредните 4 години и дека ќе состави нова демократска, политичка, одговорна, европска Влада, со институции кои уште повеќе и уште подобро ќе им служат на граѓаните.
„Врз основа на член 84, став 1,
алинеја прва, а во согласност со член 90, став 1 од Уставот на Република
Северна Македонија и предлогот на Коалицијата „Можеме“, за мандатор за состав
на Влада на Република Северна Македонија го определувам Зоран Заев, претседател
на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“, изјави претседателот
Пендаровски.
„Денескa имам средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Имаме успех во многу аспекти, а имаме и прашања кои не се затворени, а се поприлично сериозни. Се надевам на успех, бидејќи граѓаните ни дадоа насоки кој со кого да преговара“, изјави Заев, додавајќи дека се подготвува да биде премиер во следните четири години.
„Очекувам дека за најмногу 20 дена од денес, Северна Македонија ќе добие ефикасна и посветена Влада која веднаш ќе се посвети на предизвиците кои ги носи пандемијата Ковид-19, Влада која од првиот ден ќе работи на обезбедување повеќе пари, повеќе услуги и подобар живот за секој наш граѓанин“ вели Заев.