Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на АД Пошта, Ејуп Рустеми, денеска одржа прес конференција за Решението на НБРСМ со која се укинува Дозволата за основање и работење на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА АД СКОПЈЕ и како што е најавено отворање на стечајна постапка.
Од денеска поради неработење на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА на шалтерите на ПОШТА не е можно да се обезбеди финансиски услуги и услугите на платниот промет за многу граѓани и правни лица, како што се:
- наплата на сметки за комунални услуги
- наплата на сметки за струја
- исплата на пензии
- исплата на социјална помош
- други банкарски услуги и безготовински платен промет за депонентите на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА.
Сите овие услуги ПОШТА во својата мрежа ги обезбедува во име на ЕУРОСТАНДАРД БАНКА и за истите наплаќа соодветен надоместок.
Остварените приходи во првите шест месеци од 2020 година од овие услуги кои од денеска ПОШТА не може да ги обезбеди изнесуваат 110 милиони денари и преставуваат 19,4 % од вкупно остварените приходи на ПОШТА.
Во услови на пандемија ова беа значајни приходи за ПОШТА, бидејќи здравствената криза придонесе да има огромен пад на приходите од поштенски услуги, најмногу на тие од меѓународниот поштенски сообраќај.
Над 870 вработени на ПОШТА целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедување на наведените услуги.
Приходот остварен од наведените услуги обезбедува плата за околу 560 вработени во ПОШТА.
ПОШТА е во интензивна комуникација со Владата на РСМ како оснивач на ПОШТА, со НБРСМ како регулатор со цел изнаоѓање на брзо и прифатливо решение за сите, а пред се во интерес на граѓаните и фирмите, кои досега ги користеле овие услуги на шалтерите на ПОШТА.