Православните верници денеска ја
слават Преподобна Параскева,
света Петка. Според житието, нејзините
родители биле Римјани и таа како единствена ќерка им се родила по долги и
искрени молитви кон Бога.
Родителите и биле христијани, така што од мали
нозе ја воспитале во Христовиот дух. Кога и умреле родителите, го раздала
целиот свој имот на бедните и сиромашните и се замонашила, проповедајќи го христијанството.
Со
голема ревност го проповедала словото Божјо, не криејќи се од никого. Така и
стигнала до римскиот суд. Неколку пати била предавана на маки, но Господ ја
исцелувал на чудесен начин…
Незаштитена и во многу опасни времиња, кога
христијаните биле прогонувани, ѕверски мачени и погубени во Римското Царство, Параскева остатокот на својот живот го поминала
подучувајќи ги луѓето на христијанската вера и успеала да преобрати многу луѓе
во новата религија. Поради својата моќ на убедување и убавина, таа привлекла
многу внимание и во неколку наврати била изнесена на суд пред властите, а
еднаш, наклеветена од некои Евреи, таа била изведена пред
императорот Антонин Пиј (138 – 161). Тој се воодушевил
од нејзината необична мудрост и убавина и ѝ рекол да им принесе жртва на
боговите за да добие бројни дарови и богатства, а ако не прифати, ќе биде
подложена на мачење. Но, Параскева му одговорила на царот: “Јас никогаш
нема да се откажам од Христос, мојот Бог!”.
Тогаш,
царот се разгневил и наредил на главата да ѝ стават вжештен железен шлем, но
таа останала неповредена. Потоа, царот наредил еден голем казан да се наполни
со врело масло и смола и тој ја фрлил Параскева во казанот. И покрај тоа, таа
стоела среде казанот, неповрдена. Зачуден од глетката, царот ѝ рекол:
“Параскево, попрскај ме со маслото и смолата за да видам дали навистина
жежат.” Параскева зела во раката масло и смола и го попрскала в лице, а
царот веднаш ослепел. Тогаш, тој започнал гласно да ја моли и да бара помош со
зборовите: “Смилувај се на мене, слугинко на вистинскиот Бог, па и јас ќе
поверувам во Господ кого ти го проповедаш.” Параскева му се помолила на
Бога и царот веднаш прогледал. Од тој момент, царот и неговите телохранители поверувале
во Христос и се преобратиле во христијани.
Подоцна, св. Петка
пристигнала во друг град во кој владеел страшниот кнез Тарасиј, пред кого, исто
така, изјавила дека Христос е вистинскиот Бог. Поради тоа, кнезот ја фрлил во
котел полн со врело масло, смола и олово, но Господ испратил ангел од
небото, кој го оладил котелот. Така, св. Петка останала неповредена. Тарасиј ја
ставил на други тешки маки, но таа не се откажала од верата во Христос, така на
Параскева ѝ била отсечена главата со меч околу 140 година. По смртта, нејзината душа како гулабица одлетала
на небото.
Се успокоила во Господа во вториот век.
Нејзините чудотворни мошти денеска се наоѓаат во Цариград.
По нејзината смрт биле забележани бројни
чуда, кои се случувале како резултат на најзината интервенција и православните
верници продолжуваат да сведочат за најзините чуда до денес. За нејзините свети
мошти сведочел аџијата Антониј, кој ги видел и им се поклонил во 1200 година
во Цариград, каде што и ден-денес постои црква посветена на неа. Во Македонија,
честички од моштите на св. Петка се изложени во манастирот Свети Јован Бигорски.[3]
Празникот Св.
Петка се празнува на 26 јули по
стариот календар, т.е на 8 август по
новиот календар.
Култот кон света Петка кај
нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но
и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева.
Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води.
Во состав на преубавиот манастирски комплекс
Свети Ѓеоргиј во Ораовица, радовишко се наоѓа и светата изворска вода Света
Петка. Речиси нема верник кој го посетил манастирот да не се
упатил по тесната планинска патека, низ густата шума, кон изворот Света
Петка и да не се помолил за здравје за душевен мир и спасение. Ктиторот на
манстирот Свети Ѓеоргиј Николајчо Николов, по чија заслуга целосно е реконструиран
манстирскиот комплекс, се погрижи да се
реконструира и изворот Света Петка, со изградба на нов кров над чешмата,
нови икони и клупи за седење.
На
денешен ден се избегнува да се работат тешки работи на нива и дома.