Како луѓе, ние често пати сонуваме за подобро утре и посветла иднина. Денес, бележиме 164 години од раѓањето на
човекот кој ја осветли нашата иднина, еден од најголемите умови, татко на
наизменичната струја, научник, истражувач и пронаоѓач, Никола Тесла. Роден е на
10 јули 1856 година во селото Смилјан, Австро-Унгарија (денешна Хрватска). Иако
во себе носел српско потекло, тој подоцна добива американско државјанство и
остатокот од својот живот го поминал како граѓанин на САД.
Неговиот придонес во дизајнирањето на современите системи за напојување на наизменична струја, како и Теслиниот калем го издвојваат како еден генијалец и една од најзначајните личности од историјата. Како наследство на новите генерации, Тесла остави голем број на патенти и пронајдоци во областа на електротехниката и радиотехниката, а особено е запаметен по примената на наизменична струја и радио комуникација.
Како негови најважни пронајдоци се издвојуваат: телеавтоматика (далечинско управување со бродови), систем за безжичен пренос на сигнали, Теслина намотка, големи откритија во физиката, како што се Х-зраци, систем за повеќефазни струи, електрони, космички зраци и многу други.
Тесла бил една неуморна душа за која се сметало дека има фотографска
меморија. Можел да запамети книги, експерименти, слики,
визии и факти со извонредна точност.
Тој тврдел дека има визии. Наводно, му се појавиле во форма на ненадејни трепки
на светлина, каде што гледа како треба да изгледаат неговите пронајдоци.
Тесла зборувал 8 јазици, а има добиено и 15 почесни
докторати.
За себе тврдел дека не е
изумител туку откривач на работи што постојат во природата околу нас. За
неговиот успех во инвентивноста, сам тврдел дека се должи на вродената способност да неверојатно визуелизира
работи, процеси и настани. Според тоа, тој прво би ги дизајнирал сите свои
експерименти во главата, а потоа би ги пренесел во пракса.